Во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ се одржа заеднички мултикултурен час по англиски јазик на тема „Autumn Stories“ – „Есенски приказни“. Во активностите учествуваа ученици од четврто одделение кои следат настава на македонски, албански и турски јазик. Есента беше инспирација за заедничко творење, учење и дружење, а англискиот јазик им помогна на учениците да ги споделат своите идеи.
Учениците работеа со илустрации на есенски сцени, кои ги боеја, сечеа и лепеа на заеднички хамер. Сликите со шарени лисја, животни, плодови и есенски временски појави ги поттикнаа да составуваат реченици на англиски јазик. Секое дете придонесе со својата креативност и со својот начин на раскажување.
Низ работата, учениците го збогатуваа вокабуларот, вежбаа пишување и ги развиваа своите вештини за изразување. Истовремено, имаа можност да си помагаат, да разменуваат материјали и да се договараат за изгледот на заедничкиот плакат. Различните идеи се споија во една есенска галерија со кратки приказни.
Заедничкиот час создаде простор за подобро запознавање, соработка и меѓусебно почитување. Преку едноставни, но внимателно поврзани активности, децата учеа заедно и го доживуваа јазикот како средство за комуникација.
Готовиот плакат „Autumn Stories“ остана како спомен од заедничката работа и како пример за тоа колку различни идеи може да произлезат од една тема кога секој ученик добива можност да учествува.










